Случајот со обвинителката Ленче Ристовска која беше дискриминирана од Советот за јавни обвинители поради раѓање и родителство, го отвори горливото прашање за дискриминацијата на бремените жени и мајките во правосудниот систем.
Јавната реакција и пријавата на Советот на јавни обвинители од страна на Ристоска до Комисијата за заштита и спречување на дискриминација, беше позитивен пример за спротивставување на дискриминацијата на жените во нашата земја. Нејзината апликација за позиција во Вишото јавно обвинителство два пати била одбиена, еднаш поради возраста, а вториот пат поради користење на родителско отсуство. Одлуката пак на Антидискриминаторската комисија дека Советот за јавни обвинители извршил потежок облик на дискриминација, дава надеж и за другите жени кои се дискриминирани поради раѓање и родителство и кои не можат да напредуваат во кариерата поради тоа што се бремени или мајки.
Тоа го покажа и анализата на Центарот за правни истражувања и анализи за родовите аспекти во правосудството. Интервјуираните жени во судството ја навеле бременоста и мајчинството за еден од родовите аспекти кој влијае на кариерниот пат во правосудството, посочувајќи дека целиот систем е неприспособен за поддршка на жените во бременоста и периодот по породилното отсуство од една страна, а од друга страна родовите стереотипи влијаат да нема охрабрување за напредување во правосудната хиерархија.
„Наодите од Анализата на родовите аспекти во правосудство, јасно укажаа на тоа дека бременоста и мајчинството се пречка за напредување во правосудната кариера, односно претставуваат родово базирана дискриминација. Ова е комплексен феномен и се должи на повеќе фактори. Пред сè, според мене, се должи на штетните родови стереотипи кои постојат во општеството кон бремените жени и мајките. Тие се доживуваат понекогаш како „неспособни“ да извршуваат одредена функција под претпоставка дека фамилијарните обврски ќе застанат на пат на извршување на одредена функција, и не се охрабрени за напредок во нивната кариера. Ние како општество, пред сè, треба да го смениме наративот, односно ако очекуваме жените да раѓаат, целиот систем треба да е прилагоден за мајчинството и бременоста и тие не преставуваат пречка за влез во било која кариера, во случајов правосудство.
Правосудството не е изземен дел од нашето општество, па овие проблеми се пресликуваат и таму“, вели Татјана Стоименовска од ЦПИА.
Една од авторките на анализата, Неда Чаловска Димовска, вели дека има три аспекти како жените во правосудниот систем се изложени на овој тип на дискриминација, а тоа е во почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители, потоа во процесот на напредување на судијките и јавните обвинителки, но и во адвокатурата.
„Во делот на Акдемијата за судии и јавни обвинители проблемот е што не се дозволува користење на подолго отсуство за боледување, односно породилно отсуство од 60 дена. Ова значи дека жените кои се бремени и имаат проблем во бременоста не можат да користат боледување повеќе од 60 дена и мораат да ја посетуваат обуката со физичко присуство. Исто така, ова значи дека жените кои се породиле и се слушателки на почетната обука не можат да користат породилно отсуство подолго од 60 дена, иако според Законот за работни односи имаат право на 9 месеци.
Во делот на напредувањето, очигледно е дека се уште постојат родовите стереотипи кои се однесуваат на мајчинството, односно дека мајките се поемотивни, повеќе се зафатени околу децата, а не можат во целост да се посветат на работата, дека треба често да отсуствуваат и интервјуираните сметат дека ова индиректно влијае да бидат поставени на пример за претседателки на судови и раководителки на јавните обвинителства. Има и една системска пречка која се однесува на напредувањето на јавните обвинителки.
Оценувањето се врши на шест месеци, а породилното отсуство трае најмалку 9 месеци, што значи дека тие не можат да бидат оценети во овој период, поради што не можат да напредуваат во својата кариера“, вели Чаловска Димовска.
Експертката додава дека дека дискриминацијата по овие основи не смее да биде општествено оправдана или премолчена, зашто го ограничува еднаквиот третман на мажите и жените во работните односи, вклучително и во правосудството.
„Најпрво жените на функција треба да се ослободат од нормите кои ги ограничуваат да пријават дискриминација, а се однесуваат на ставот дека ,,поради нивната позиција е срамота да пријавуваат дискриминација”. Треба да сфатиме дека таа може да се случи на секоја бремена жена или мајка, без разлика на нејзината работна позиција, особено доколку дискриминацијата е системска, како што е случајот со оценувањето на жените обвинителки кои користат породилно отсуство. Исто така, овие општествени бариери треба да ги рушат токму жените кои се на одредена позиција и имаат информации за правните механизми и можности истите да ги искористат и да се спротивстават на одредени центри на моќ. Со поведувањето на вакви постапки се воспоставува и правна пракса за заштита од дискриминација, но и се охрабруваат и други жени истото да го пријават“, објаснува Чаловска Димовска.
Традиционалните и општествени очекувања влијаат на кариерата на жените
Професорката Арта Меро од Универзитетот на Југоисточна Европа вели дека идеологијата на мајчинството продолжува да биде присутна во карирерите и професиите на жените.
„Доминира познатиот наратив дека жената мора да стане сопруга и мајка, кои во повеќето случаи се изговор за избор на професија со помалку часови работа во текот на денот и порелаксирана динамика во кариерата. Тоа е така затоа што таа треба да го заврши работниот ден за да има време да продолжи и со другите домашни работи, да се грижи за семејството и децата. Така што девојките молкум ја имат прифатено оваа потчинета позиција. Во овој аспект, жените се ставени во традиционалната родова улога и стереотипите кои им го наметнуваат изборот на професијата, создавајќи во овој аспект удобност за мажите во сите јавни професии“, вели професорката Меро.
Татјана Стоименовска додава дека иако жените како бројка се и позастапени од мажите, тие се соочуваат со предизвици кога треба да се унапредат на раководни позиции.
„За илустрација, иако 62% од судиите се жени, имаме помалку претседателки на судови од претседатели (од 34 претседатели на судови, 15 се жени а 19 мажи – значи дека постои родов јаз). Дополнително забележавме дека има недоволна застапеност на жените од немнозинските заедници, па така на пример немаме ниедна судијка Ромка, или пак само две жени Албанки претседателки на судови. На највисоките позиции, нема многу жени, па така, до сега немало ниедна Деканка на Правниот факултет „Јустинијан Први’, немало именувано жена за Републички јавен обвинител, ниту пак претседателка на Адвокатската комора – од основањето на овие институции до денес“, појаснува таа.
И покрај фактот што очигледно има повеќе студентки на Правниот факултет, а исто така студентките на време ги завршуваат нивните додипломски студии, сепак тие заостануваат во активно вклучување во правната професија по дипломирањето, но и по завршување на последипломските студии. Професорката Меро вели дека иако девојките постигнуваат значително подобри резултати во споредба со момчињата некогаш и тотално се откажуваат од правничката кариера по завршувањето на нивните студии.
„Со оглед на тоа што жените треба да го следат „биолошкиот часовник“ и треба да се реализираат како мајки, дури и покрај истите квалификации како и мажите, се случува во истите професии тие да напредуваат многу побавно и да се соочуват со поголеми предизвици од нивните колеги. За професионално практикување на некоја од правните професии не е доволно само да дипломирате на Правен факултет, тука е и полагањето на Правосудниот испит, а за оние кои сакаат да ја вршат професијата судија или јавен обвинител мора да се запишат и да ги следат студиите во Академијата за судии и јавни обвинители. Сите овие години вложување на труд и време се контрадикторни на она што го нагласивме погоре, главната обврска што општеството и традиционалните норми ѝ ја наметнуваат на жената – приоритет во создавањето семејство, а не во нејзиниот напредок во кариерата“, посочува Меро.
Едукација, промена за законите и разбивање на стереотипите
Во однос на тоа какви промени се потребни во полза на жените и нивниот кариерен напредок во правосудството, според Стоименовска, потребна е измена на законските одредби за оценување на јавните обвинители.
„Исто така треба да се направат промени во Деловниците за работа на Советот на јавни обвинители, па функцијата да се стави во мирување додека трае породилното отсуство или подолгото боледување. Но исто толку важно е државата да овозможи доволно сервиси и услуги (како на пример доволно места во градинки) за да може жените да се посветат на кариерата и мајчинство во истовремено, без да страда едното или другото. Како што може да забележиме проблемот е повеќеслоен и комплексен и треба системски решенија на повеже нивоа, но во исто време и менување на ставовите и перцепциите за тоа што значи кариера и мајчинство и дека едното не го исклучува другото!“, вели таа.
Неодамна Уставниот суд едногласно ја прифати иницијативата на обвинителката Ристоска да се поведе постапка за испитување на уставноста на Деловникот на Советот на јавни обвинители, кој пропишува дека иако не работат на предмети, додека се 4 години на функција во Советот стажот им се смета како позитивно оценет. Со таа висока позитивна оценка, член на Советот на јавни обвинители од редот на обвинителите, кога ќе излезе оттаму, може да конкурира за унапредување. Но, како и Ристоска, така и Уставниот суд смета дека тоа не е во ред и одлучи да поведе постапка против оспорените одредби.
Едукацијата и родово сензитивното образование исто така се многу важни во разбивањето на стереотипите за жените и митовите околу родовата еднаквост, особено поради сè почестите напади и дезинформации кои се шират во онлајн просторот и од анти-родовите движења.
„Пред сè едукација и едукација дека не може да се градат демократски и инклузивни општества без целосна вклученост и интеграција на жените. Да се работи на намалување на стереотипите, да се сфати дека обврските во домот треба да се поделени, дека бременоста и мајчинствоте не се пречка за кариерата, и дека жените не се „поемотивни “ од мажите и подеднакви се силни и спремни да бидат застапени на позициите на моќ“, додава Стоименовска.
Професорката Меро, од сопствено искуство, вели дека го поминала не баш лесниот пат за денеска да биде и сопруга и мајка, но и правничка, професорка и активистка за правата на жените.
„Дали е лесно?- Не е. Но, дали е возможно? - Да. Младите девојки не треба да се обесхрабруваат и да станат жртви на традиционалните норми откажувајќи се од соништата да го подобрат овој свет како судии, јавни обвинителки, нотари или адвокатки. Од мое лично искуство можам да ви кажам дека успехот може да биде малку побавен, но сигурен, балансирањето на професионалниот и семејниот живот не е толку лесно, но големо и охрабрувачко е задоволството да го завршите денот со чувството дека сте успеале да направите некое добро дело за себе, семејството и општеството“, охрабрува професорката.