ЖЕНИТЕ И ДЕЦАТА СÉ ПОВЕЌЕ ИЗЛОЖЕНИ НА ФЕНОМЕНОТ НА ПРОСЕЊЕ

Се будам наутро, ги облекувам децата, ги средувам и излегувам да просам за да купам храна“. Вака и започнува денот на Мерита,една 30-годишна Ромка и мајка.Всушност, таа е една од многуте жени кои со децата на раце шетаат по струшките улици и бараат милостина. Просењето, оваа грда појава во која доминираат жените и децата,почнува да се гледа како нешто нормално по улиците на нашите градови. Иако постојат студии кои покажуваат дека во РСМ просењето се претворило во бизнис, Мерита вели дека да се биде жена во ромската заедница не е воопшто лесно и дека потребата за леб ја принудува да талка по улица со своите деца.

„Некогаш морам да талкам по улиците и по цел ден. Но, има и денови кога до 11-12 часот успевам да соберам пари за храна и се враќам дома, затоа што толку ми требале“, вели Мерита. „Мојот маж е болен, работи, собира железо и пластични шишиња од контејнерите, а со парите што ги заработува успеваме да ја платиме киријата за собата во која живееме, која чини 4.000 денари месечно.

Мерита има 5 деца. Таа вели дека се омажила од љубов на 16 години и имала само 17 години кога за прв пат станала мајка. „Се заљубив и се омажив, но потоа мојот поранешен сопруг зеде друга жена и јас си заминав. Мајка ми ја зеде ќерка ми да се грижи за неа, бидејќи јас бев премлада и не знаев како да се грижам за неа. На 18 години повторно се омажив и сега имам уште 4 деца. Со првиот сопруг имав подобар живот и не излегував да просам, но сега, ако не излезам на улица, нема да имам храна за децата“.

Мерита не била ниту еден ден на училиште. Таа не знае да пишува, ниту да чита и, според неа, тоа е главниот проблем што никако не може да најде добра работа. Во текот на нашиот разговор таа се двоуми да одговори дали врз неа имало или има физичко насилство, исто како што не сака да одговори зошто само жените со децата на раце излегуваат да бараат милостина, а не и мажите.

Дефинирањето на родовите улоги направило да жените бидат поизложени на феноменот на просење

Општествените улоги кои често им се доделуваат на жените во ромското општество и пошироко, ги прават нив посклони кон просење, бидејќи честопати се исклучени од можноста да работат и од економска поддршка. Покрај тоа, големиот број на семејни обврски, како што е грижата за децата, ги ставаат жените во неповолна положба, при што просењето се претвора во еден начин на преживување.

Причините поради кои оваа појава е доминантна кај жените се различни, и може да бидат социјални, економски или културни. Во многу општества, поради традиционалните улоги што им се доделени, жените се поранливи на сиромаштија и маргинализација. Во многу случаи, поради родова дискриминација, недостаток на можности за образование или професионални вештини или често поради преоптовареност со семејни обврски (грижа за децата, постарите членови на семејството, итн.) жените имаат помалку можности за учество на пазарот на трудот. Кај жените веројатноста да бидат жртви на семејно насилство и злоупотребае поголема, и тоа може да ги принуди нив да ги напуштат своите домови и да си преживуваат преку просење. Честопати, тие може да се чувствуваат немоќни за да обезбедат поддршка од државните институции, и тоа го прави просењето еден можен начин на преживување. Во многу случаи, жените кои се соочуваат со длабока сиромаштија често немаат доволно социјална поддршка,како за домување или финансиска поддршка. Потоа, социјалните услуги за жените може да бидат недоволни или недостапни, што исто така го прави просењето еден можен начин на преживување.

Не помалку важни се психолошките и емоционалните фактори, како и социјалната перцепција и стигмата.

Мерита, како и многу други жени, принудена е на еден таков чекор за да го издржува семејството, живеејќи една тешка и неизвесна реалност, што ја покажува длабоката социјална и економска несигурност што ја доживуваат многумина во нашите општества. Но, она што оваа реалност ја направи уште повознемирувачка е тоа што секој ден се повеќе деца талкаат во потрага по милостина, често придружувани и од нивните мајки.

 „Меѓаши“: Децата на улица се жртви и на сексуална експлоатација и трговија со органи

Злоупотребата на децата за просење и нивното изложување на улица претставува една голема загриженост за Детската амбасада „Меѓаши“ од каде нагласуваат дека оваа појава е многу длабока и опасна. Од оваа институција за Молекуќја.мк велат дека просењето често може да биде фатално за овие деца кои лесно можат да завршат на црниот пазар, што значи дека оваа категорија на деца може да биде принудена да проси во странство, а исто така постои и можност за сексуална експлоатација и нивна вмешаност во проституција. Загриженоста е уште поголема и поради фактот што овие деца многу лесно може да завршат и во рацете на трговците со органи.

„Меѓаши, како организација која ги штити децата, спровела истражувања за правата на децата на улица на територијата на град Скопје. Според Анализата на состојбата со децата на улица (јуни - септември 2022 година), забележано е дека децата кои потекнуваат од сиромашни семејства, семејства со низок социјален статус и семејства во социјален ризик почесто се жртви на експлоатација на детскиот труд, просење, трговија со луѓе како и жртви на сексуална експлоатација“, велат од Детската амбасада „Меѓаши“.

Од „Меѓаши“ потенцираат дека феноменот на детската експлоатација е поврзан со високото ниво на сиромаштија во земјава и немањето на соодветен образовен систем. Според нив, со вработување на најмалку еден член од семејствата во социјален ризик, со обезбедување на покрив над главата и навремено вклучување на децата во градинките, сегашната реалност може да се промени и да се намали ризикот од злоупотреба на децата.

„Иако во 2002 година Македонија ја ратификуваше Конвенцијата бр. 182 итно спречување на најлошите форми на детскиот труд, состојбата не е подобрена туку напротив, оваа појава е многу алармантна и е директно поврзана со сиромаштијата и невклучувањето на децата во редовниот образовен процес. Сите политики и механизми за спречување и сузбивање на злоупотребата на децата мора да бидат усвоени и имплементирани во најдобар интерес на детето, а учеството на децата мора да биде нивен интегрален дел. Правото на децата да се образуваат е основно право на секое човечко суштество. Ова е многу важен фактор за иднината на децата кои се на улица. Доколку државата обезбеди бесплатно и квалитетно задолжително образование за секое дете, Македонија ќе може да излезе од тој магичен круг на неписменост и сиромаштија, но и да најде начин да ја спречи експлоатацијата и злоупотребата на децата. За жал, децата на улица не само што ги немаат овие права, туку покрај тоа овие деца често се изложени на полициски интервенции, напади од возрасни граѓани, но и од деца, и дури и по интервенција на властите, голем број од нив, ако не ја добијат соодветната поддршка (што и обично се случува) се враќаат на стариот начин на живот и работат на улица“, велат од Детската амбасада „Меѓаши“.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго