Актерката Елхаме Биљали е почитувана актерка во албанскиот театар. Родена е во Митровица, Косово, каде што го завршила основното образование. Високото образование го завршила во Скопје, а во 1968 година се вработила како актерка во Албанскиот театар во Скопје. Својата професионална кариера ја започнала со улогата на Ајала во претставата „Брачен договор“ од Ефраим Кишон, во режија на Мирко Стефановски. Во својата кариера има остварено над 120 театарски улоги, од кои најголем дел се главни. По повод нејзиното пензионирање, таа ја играше улогата на Аби Брустер во претставата „Арсеник и стара дантела“ од Џозеф Кеселринг, во режија на Куштрим Бектеши, на сцената на нејзиниот матичен театар. Истата година беше наградена и со Награда за животно дело на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Елхаме Биљали е една од најистакнатите актерки која со години го одржувала репертоарот на Албанскиот театар. Поради нејзиниот талент, љубовта и големата посветеност кон театарот, внимателното создавање на ликовите од различни профили, позитивната енергија што се одразува во комуникацијата и колегијалната соработка при заедничката работа, Елхаме е актерка каква што би посакала да ја има секоја театарска или филмска екипа.
Ликовите и улогите што ги има одиграно и ден денес се паметат и од критичарите и од публиката. Но, дали било лесно да се биде актерка во едно време кога жените не можеле да излезат без машки придружник? Преку овој разговор ќе дознаеме повеќе околу тоа.
-
Дали беше тешко да се избере глумата во време кога Албанките во овие краишта се соочуваа со неписменост?
Тоа беше време кога за Албанките патријархатот ги држеше вратите затворени во многу професии; во тоа време предрасуди имаше и за учителките, а камоли за актерките. Беа тоа предрасуди кои произлегоа од непознавањето на мојата професија; На жените им беше тешко да стапнат на сцената на Талија. Татко ми, иако рудар, се залагаше многу за нашето образование. Ние бевме пет сестри и тој нè школуваше и нè поддржуваше во текот на целото наше студирање, а потоа и моите помлади браќа. Моите родители беа против тоа да се вработам без да ги завршам студиите, па затоа се запишав во Скопје за да студирам на Вишата педагошка школа, насока албанологија, а истовремено се вработив и во театарот, и под овој услов ми го дозволија тоа. Мојот тогашен професор, Пјетро Јанура, ми рече: „Не можеш да држиш две лубеници под една мишка, ќе ти падне едната!“ а јас одлучно му реков: „Ќе ги држам и двете.“
-
Знам дека вашата мајка не ја прифатила најдобро вашата одлука за да се занимавате со актерство?
Мајка ми, како и многу други, имаше свои предрасуди за тоа што подразбира оваа професија. Менталитетот од тоа врeме на некој начин ми предизвика немир, мислев дека сум им ги скршила срцата на моите најблиски. Се сеќавам дека со мојата прва плата купив подароци за целото семејство, а таа ми рече: „Не знам дали треба да го земам овој подарок, бидејќи не знам со какви пари си го купила“,и тоа ми го скрши срцето. Но, не помина долго време и таа да дојде од Митровица да ме види во театарот. Тоа беше за претставата„Бегалка “ од Васил Иловски во која јас ја играв Ленка. Во една сцена, кога сакаат да ја омажат Ленче без нејзина согласност, таа вели - „О мајко, не можам повеќе вака, срцето ќе ми пукне“ - и паѓа на земја. Таа внимателно ја следела целата претстава, а откако заврши, кога ѝ се доближив, видов дека нејзините очи беа насолзени и дека навистина беше трогната од претставата. „Сега знам што работиш“, ми рече таа. Нејзиниот тивок благослов ми ја олесни душата и јас продолжив да го работам тоа што сакав.
-
Дали имаше жени во публиката кога игравте во претстави во младоста? Опишете ни како изгледаа жените во тоа време?
Можам да кажам дека во времето кога глумев, нашиот театар имаше разновидна публика, која беше аристократска, која редовно нè посетуваше. Тоа време немаше недостаток на жени. Мажите и жените изгледаа многу елегантно и весели, како да одат на свадба. Жените одеа на фризер, носеа долги фустани и навистина изгледаа екстравагантно како дамите од Париз. Тие знаеја дека театарот е место на елеганција, култура и уметност. Таа публика ми недостига неизмерно дури и денес, кога сум во пензија. По завршувањето на претставите следуваше вистинска забава. Жените ќе ме пофалеа со невидена искреност и ми посакуваа успех.
-
Што се променило, а што не ?
Мислам дека сега публиката се променила, сега театарот поретко се посетува, бидејќи сега имаат и други видови на забава, филмови во изобилство, кина, мобилни телефони кои им нудат бескрај содржини, па затоа сега стана вистински предизвик да се привлече публиката во театарот. Но, театарот има своја лојална публика, а ние тоа го докажуваме со секоја претстава на која присуствуваме.
-
Како реагираше околината кога ќе кажевте „јас сум актерка“?
Реакциите беа од најразличните. Обично ме гледаа со восхит, го изразуваа својот ентузијазам и љубопитност за оваа професија и ми поставуваа многу прашања за мојата работа, улогите што ги играв и каков е животот зад сцената.
-
Убава и екстравагантна, дали другите жени ви завидуваа на изгледот и изборот на професијата?
Не би знаела како да одговорам на ова прашање, но вистина е дека добивав многу комплименти од другите жени, и за мојата глума и за мојот изглед. Што се однесува до завидувањето, не знам што да ви кажам.
-
Која улога ви останала најмногу во сеќавање?
Никогаш не сум можела да издвојам некоја улога што сум ја одиграла како моја омилена. Ова е исто како да ја прашате една мајка кое дете го сака најмногу. Не можам да ги издвојам. Секоја улога има свое место, своја уникатност, свои чувства и свои спомени што ми ја прават драга. Тоа се временски периоди во јас кои созреав како актерка и се доказ за мојот професионален развој.
-
Дали ви беше полесно во работата затоа што ја делевте и сцената и креветот со својот животен партнер?
За нас двајцата како актери, верувам дека ни беше полесно! Се разбиравме еден со друг и ги разбиравме предизвиците што ни се наметнуваа од работата на сцена! Се поддржувавме еден со друг со предлози во врска со улогите што ги подготвувавме и бевме полни со разбирање. Ги споделувавме и премиерите и радостите од успесите на нашите претстави, а тоа ја заокружи нашата врска како двојка. Салко беше одличен партнер, како сопруг, татко, па дури и колега. Имам драгоцени и незаборавни спомени со него.
-
Што би и порачале на една млада девојка која ќе ја одбере глумата?
Би и кажала дека глумата е професија што бара голема посветеност и поддршка од семејството и колегите. Тоа е занает кој се усовршува со искуство и време. Работата во театар е предизвик со кој мора да се соочиме со голема храброст, и да не дозволиме било каква тешкотија, било каква лошо подготвена сцена, било какво незадоволство од начинот на кој сме глумеле итн. да нè обесхрабри. Меѓутоа, затоа пак награда за ова е аплаузот од публиката, благодарноста и најголемата топлина што еден актер ја добива, што му дава енергија и волја да продолжи со оваа работа со уште поголема посветеност за да биде уште подобар следниот пат.
-
Што довело до појавата на предрасудите за глумата како непожелна професија за жените?
Мислам дека менталитетот во тоа време, кога жената почнуваше да се вклучува во општествениот живот, да работи и да го напушта домот за да придонесе во општеството, го отежнуваше прифаќањето на оваа професија. Сега таа е на една друга позиција, сега за неа има разбирање, поддршка и мотивација и жената може да ја работи оваа професија со достоинство без да се соочува со предрасуди од другите. Сега гледам дека девојките имаат поголема храброст за да ја изберат оваа професија, а тоа е резултат на променетата општествена перцепција за жените само како домаќинки. Таа сега може да се види насекаде и слободна е да го направи својот избор на кариера без да размислува дека ќе биде осудувана, погрешно разбрана и неподдржана во нејзиниот професионален живот.