Насилство кое се крие во име на срамот!

Минатата година Франција, но и Европа и светот, беа шокирани од случајот со Жизел Пелико, 72-годишната жена која била дрогирана и тајно силувана од нејзиниот сопруг Доминик Пелико. Колку и да изгледа невозможно и неверојатно насилството врз сопругата со која живеел и се преправал како ништо да не се случило се случило во период од девет години, помеѓу 2011 и 2020 година. Лековите кои и ги давал ја онесвестувале г-ѓа Пелико и таа не можела да се сети на насилството што било извршено врз неа. Нејзиниот сопруг поканил вкупно 72 мажи со кои контактирал преку една веб-страна, кои ја силувале г-ѓа Пелико додека таа била во несвест, а сè се случувало главно во домот на двојката во Мазан, Франција.

Г-ѓа Пеликот дознала за злоупотребата дури во 2020 година кога нејзиниот сопруг бил уапсен за вознемирување на една жена во локален супермаркет, а по полицискиот претрес на неговата компјутерска опрема биле пронајдени бројни докази, и притоа биле откриени видеа и фотографии од нејзиното силување. Случајот ја шокираше Франција, Европа и светот бидејќи не можеше да се замисли една брачна врска да се претвори во еден страшен соживот на една жена со својот маж. Овој случај доби поголемо внимание кога започна судењето, каде што на Доминик Полико и педесет други мажи им се судеше за силување, обид за силување и сексуален напад во 2024 година. Во случаи на сексуално насилство францускиот закон ја штити жртвата со криење на нејзиниот идентитет, но Жизел Пелико се откажа од ова право не сакајќи да остане анонимна, а судењето беше отворено за јавноста. Оваа нејзина одлука доведе до откривање на ужасните дела што ги извршил нејзиниот сопруг и другите мажи поканети од него.

Во декември 2024 година, 50 од 51 од мажите на кои им се судеше, вклучително и Доминик Пелико, беа осудени за силување, обид за силување и сексуален напад врз Жизел. 51-от маж, кој не беше обвинет за нејзино силување, беше осуден за силување на неговата сопруга. Доминик Пеликот доби максимална казна од 20 години, а другите осуденици добија казни од 3 до 15 години.

Кога читате нешто вакво почнувате да се прашувате како е можно вакви однесувања да се дел од човечката природа и кои не се нормални за никакви морални норми. И каде? Во Франција, една од најлибералните земји, која се слави по романсата, љубовта, бакнувањето. Од каде може да потекнува потребата од сето тоа насилство, не само на сопругот, туку и на сите други мажи кои учествувале, кои биле сведоци или дозволиле силување на една жена, дрогирана и во несвест. Овие мажи беа од најобични, до образовани, па дури и од оние на високи позиции. Мажи чиј профил не се совпаѓа со оној на сторителите на вакви дела. И после велиме, не, ова не се случува кај нас. Нема шанси мажите кај нас, чисто поради менталитетот, културата, религијата, да дозволат и да повикаат други мажи за да им ја силуваат сопругата. Но, дали е навистина така?

Прочитајте го текстот во продолжение:

„Прво осомничениот за време на деветгодишниот брак со жртвата, ја злоупотребувал својата сопруга и се однесувал кон неа на особено понижувачки и суров начин, воспоставувајќи целосна контрола врз неа. Тој, користејќи сила и сериозни закани, вршел физичко и психолошко насилство врз неа, постојано нанесувајќи ѝ телесни повреди. И се заканувал по нејзиниот живот и животот на нејзиното семејство, а потоа почнал да ја принудува на сексуална експлоатација преку проституција за да се здобие со финансиска корист и наркотични средства.“

Ова објаснување воопшто не се однесува на случајот на Жизел Пелико. Станува збор за една жена од Тетово. Сè се случувало во планинските села на Тетово. Ситуациите кои ви се пренесени се преземени се од документите на властите кои што го истражуваат случајот. И кога ќе ги прочитате ќе видите дека има толку многу сличности со францускиот случај, кој исто така се случи во едно село.

„Претставувајќи ја како своја пријателка, првоосомничениот, кој е нејзин сопруг, во периодот од септември 2023 година до 20 ноември 2024 година, повеќе пати ја принудувал својата сопруга да дава сексуални услуги во угостителски објекти во Тетово и Гостивар, во нивниот семеен дом, како и во семејните домови на корисниците на сексуалните услуги. Тој контактирал со другите осомничени - корисници на услуги, ја договарал локацијата, како и надоместокот, кој бил во готово или соодветна количина наркотични средства - кокаин. Додека жртвата била со клиентите првоосомничениот имал целосна контрола, понекогаш следејќи ја преку видео повик, а потоа откако ќе ги земел парите или дрогата, ја тепал, ја горел со цигари и ѝ нанесувал тешки повреди.“

Случаите на насилство врз жените, како и на семејното насилоство, се еден скриен ужас во нашето општество. Според Кривичниот законик на Северна Македонија за делото за кое се товари првообвинетиот предвидена е казна затвор од најмалку четири години, а за корисниците на сексуални услуги е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години. Но, прашањето е колку вакви случаи се случуваат, а колку од нив се прикриваат? Во извештајот на тетовската полиција за 2023 година се наведува дека во Полог се регистрирани над 150 случаи на семејно насилство. А што е со оние што не се пријавени?

Нашето општество мора сериозно да го третира овој феномен, и тој без разлика на причината поради која се јавува, не треба да остане само прашање на правата на жените или децата, туку како феномен во кој што насилството е присутно во голем број, и во случаи за кои не може да се каже дека се опишани како „не се случуваат овде“. Активистите и експертите велат дека молчењето, неподготвеноста да се соочиме со феноменот или поради начинот на размислување и нормите диктирани од општеството за заштита на насилниците во име на срамот за семејството, најмногу ќе ѝ наштети на самата основа на општеството, самото семејство. Според нив, децата и семејствата опкружени со насилство претставуваат долгорочна штета на сите!

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго