Зајакнување на промените: Уметничката визија на Дорунтина Кастрати за родовата нееднаквост и работничките права

Уметноста е една моќна алатка за предизвикување на родовата нееднаквост, за засилување на женските гласови и за преобликување на културните наративи. Жените уметничките продолжуваат да го редефинираат уметничкото изразување, докажувајќи дека уметноста не се однесува само на естетиката, туку и на промените, отпорот и трансформацијата.

На 60-тото Венециско биенале во 2024 година косовската уметничка Дорунтина Кастрати привлече големо внимание со својата скулпторска инсталација „Бучната тишина на металот и кожата“ за која доби специјално признание за национално претставување од Меѓународното жири на ова биенале. Овој уметнички проект презентиран во Павилјонот на Република Косово се фокусира на искуствата на жените во економијата во транзицискиот период, нееднаквостите на работното место и последиците од експлоатација на трудот, особено во индустрискиот сектор на повоеното Косово.

Инсталацијата на Кастрати фрла светлина врз често занемарените приказни за жените кои работаат во лоши услови во индустрискиот сектор. Таа ја фокусираше својата работа на приказните на неколку работнички во турската фабрика за кондиторски производи во Призрен. Овие жени поминуваат долги часови работејќи една иста работа, стоејќи на нозе, што има како последица тешки физички повреди; скоро една третина од нив биле подложени на операции за замена на коленото, сето тоа како последица на природата на нивната работа. Металните протези имплантирани во нивните тела служат како белег и потсетник за долгите часови интензивна работа за која добиваат ниски плати.

Инсталацијата содржи четири самостојни метални скулптури, две моделирани според лушпите од оревите – оревите се една од клучните состојки при производството на турските слатки (локум), а две други моделирани според хируршките протези имплантирани во телата на работничките. Овие скулптури се направени од материјали што потсетуваат и на студената машинерија на индустриските средини и на металните импланти во телата на работниците. Овој дуализам ги симболизира дехуманизирачките аспекти на работата во оваа индустрија и личната пожртвуваност на овие жени. Кастрати не го избрала случајно металот како материјал, и најмало допирање на овие метални скулптури прави тие да вибрираат, при што испуштаат звуци. Посетителите на изложбата можат да ги разгледаат, да ги допираат, па дури и да седат внатре во нив, и на тој начин да станат дел од целосното визуелно и аудио искуство, а во исто време да навлезат во приказните на делата.

Преку уметничкото изразување Кастрати ги засилува гласовите на маргинализираните жени, носејќи ги нивните приказни од периферијата во центарот на дискурсот на современата уметност. Нејзиното дело ја предизвикува публиката да види, да размисли, па дури и да се соочи со системските нееднаквости со кои се соочуваат жените во индустријата, и не само во Косово, туку насекаде низ светот. Со повремено комбинирање на личните приказни со уметничкото изразување, Кастрати придонесува за создавање на еден простор за колективно слушање и размислување во врска со родовите нееднаквости, работничките права и влијанието на социо-економските транзиции врз животот на жените.

"Овој материјал е целосно или делумно финансиран од UK International Development и Фондацијата Kvinna till Kvinna, кои не мора да се согласуваат со мислењата изразени во него. За содржината е одговорен авторот."

Друго